Top Sport

Биното за тимските наредби: Леклер има право да се лути

Ако постои совршен пример за „жртвувањето“ на еден возач во корист на друг, тоа сигурно ќе биде Кинеското ГП и примерот на Ферари.

Шарл Леклер повторно доби наредба да му предаде позиција на Себастијан Фетел, кој требаше да се обиде да ги нападне доминантните возачи на Мерцедес пред нив, но тоа не се реализираше. Шефот на Ферари, Матија Биното стои зад својата одлука и вели дека е во ред да има лутина.

„Ако Шарл е лут, тогаш има право. Треба да го прифатиме тоа дека беше штета за него, но следниот пат можеби тоа ќе му биде предност. Овојпат не ја направивме одлуката за да дадеме предност на некого, туку да се обидеме да се бориме на старот на трката. Мерцедес беа малку побрзи и сакавме да му дадеме шанса на Себастијан да го држи темпото“, изјави Биното по трката во Шангај.

Иако преку радио-комуникацијата изгледаше дека 21-годишниот возач од Монако беше вознемирен од одлуката, по трката тој се смири.

„Треба да ја сфатам целосната слика и да разговарам со инженерите и техничарите. Сигурно има објаснување за одлуката и тоа го разбирам. Не знам дали беше направено предвреме и не  сакам да давам глупави коментари. Ова не беше добра трка за нас“, вели Леклер, кој на крајот заврши на петтотo место.

Хамилтон со рутинска кинеска победа во историската 1000-та Ф1 трка

Scroll to Top