Марк Маркез ќе ја освоеше титулата во Мото ГП шампионатот оваа година и со мотоцикл на Дукати, вели легендата на италијанскиот мотоциклизам, Макс Бјаџи.
Маркез имаше вистинска битка со Андреа Довициозо во Дукати оваа сезона, пред да ја освои својата четврта светска титула во само петте сезони во Мото ГП. Бјаџи вели дека квалитетот на Шпанецот е толку голем што тој би станал шампион и за италијанскиот производител.
„Во моментов, три или четири возачи на врвот се разделени со неколку десетинки од секундата, бидејќи тоа е разликата. Ако го земете светскиот шампион и го ставите на друг мотоцикл, повторно ќе биде шампион. Како да не си импресиониран од тоа што го прави Маркез на мотоциклот? Начинот на кој се лизга те остава без зборови. Тоа не е среќа, туку умешност. Тие работи не ги може никој друг“, вели Бјаџи во интервју за „Моторспорт“.
Со само 24 години, Маркез стана најмладиот возач кој стигна до четири титули, победувајќи го рекордот на Валентино Роси, кој ја освои четвртата Мото ГП/500сс титула на 25 години. Бјаџи од друга страна, не дебитираше во елитната класа до својата 26-та година.
„Маркез е шампион бидејќи е најсилниот. Морате да погледнете што сè освои, а има само 24 години. Најинтересното според мене е тоа што тој воопшто не стигнал до максималното ниво“, објаснува Бјаџи.