Валтери Ботас ќе го стартува утрешното Британско ГП на славната патека Силверстоун од пол-позицијата откако успеа да го победи својот колега од Мерцедес, Луис Хамилтон во денешните квалификации за само 0.006 секунди!
Иако за локалниот фаворит Хамилтон ова е незгоден удар, сепак, уште еднаш се покажа доминацијата на Мерцедес во овогодишниот шампионат, откако Шарл Леклер во Ферари успеа да го освои третото место пред Макс Ферстапен во Ред бул, додека Себастијан Фетел беше само шести зад вториот возач на Ред бул, Пјер Гасли.
„Беше навистина добро и се потсетив зошто го сакаме овој спорт толку многу. Беше тесно со Луис цел викенд и пресреќен сум што најдов круг да го победам“, вели Ботас.
Пред утрешната трка, Хамилтон можеше само да му честита на ривалот.
„Честитки за Валтери, тој заврши одлична работа, а јас едноставно не бев доволно добар. Ова е најдобрата ГП трка во годината и утре ќе уживам во енергијата на овие навивачи“, изјави Хамилтон.
Топ 10 ги комплетираат Даниел Рикардо (Рено), Лендо Норис (Мекларен), Александер Албон (Торо росо) и Нико Хилкенберг (Рено).
QUALIFYING CLASSIFICATION: A tenth career pole for @ValtteriBottas ?#BritishGP ?? #F1 pic.twitter.com/NKZEWXN81e
— Formula 1 (@F1) July 13, 2019