Top Sport

Браун: Бриаторе не го „откри“ Шумахер

Рос Браун, легендарниот инженер и поранешен технички директор на Бенетон, Ферари, Браун Хонда и Мерцедес, вели дека е време да се тргнат некои „митови“ околу Михаел Шумахер, од кој најмногу му пречи приказната на Флавио Бриаторе дека тој го „открил“ талентот на Германецот.

Браун вели дека Бриаторе воопшто не знаел кој е Шумахер кога седумкратниот Ф1 шампион дебитираше во Ф1 со тимот на Џордан на Белгиското ГП во 1991 година. Браун вели дека тој го забележал Шумахер додека работел за Том Вокиншоу во малите формула серии.

„Таа година го имавме шампионскиот Јагуар во 1991 година и единствената конкуренција беше Михаел во Мерцедес, бидејќи другите возачи немаа многу талент. Во тие трки требаше да бидете брзи, но исто така да штедите на горивото, а Шумахер имаше многу подобри времиња од другите и тоа со помалку потрошено гориво. Имавме среќа што Мерцедес имаа неколку возачи и не му даваа на Михаел да вози на секоја трка“, открива Браун.

Со ова се уништува приказната дека тогашните колеги на Шумахер, Карл Вендлингер и Хајнц-Харалд Френцен биле еднакво брзи како Шумахер, а во исто време е јасно дека Мерцедес помогнале Шумахер да дебитира со Џордан.

„Јас го сретнав тогаш и јасно беше дека е многу брз и импресивен возач. Дали забележав дека може да биде великан? Никогаш не знаете како ќе оди транзицијата во Ф1. Подоцна, јас и Том работевме во Бенетон и знаевме дека го сакаме. Во Бенетон тогаш ги имавме Роберто Морено и Нелсон Пике и требаше да го убедиме Флавио Бриаторе да прифати промена и да го донесе Шумахер. Тогаш тој дојде во Спа за таа трка со Џордан и почна приказната дека Флавио го ’открил’“, додава Браун.

Шефот на Џордан, славниот Еди Џордан неколку пати призна дека го загубил талентот на Шумахер, но дека добро му било платено, но најголем лузер беше Мерцедес, кои се подготвуваа да влезат во Ф1 со Заубер во 1993 година.

„Мерцедес помогнаа во кариерата на Шумахер, тоа е несомнено“, објаснува Браун.

Доколку го познавате англискиот јазик, тука е целосното интервју на Браун.

Scroll to Top