Формула 1 шефот за спортски правила и поранешен технички директор на Ферари, Браун и Мерцедес, Рос Браун вели дека имал вистинско „дежа ви“ кога го гледал Макс Ферстапен на Мексиканското ГП во неделата.
Ферстапен во првиот круг успеа со својот Ред бул да дојде до првото место во директна борба со Себастијан Фетел (Ферари) и светскиот шампион Луис Хамилтон (Мерцедес), по што доминантно стигна до победата. Браун вели дека се потсетил на Михаел Шумахер, седумкратниот светски шампион со кого Англичанецот работеше во славните денови во Ферари.
„Тоа беше неверојатна трка која ме потсети на некои трки на Михаел Шумахер. Неверојатно остварување. Има само 20 години, но како возач, созрева неверојатно бргу“, вели Браун.
Браун работеше повеќе од цела деценија со Шумахер, прво во раните денови во тимот на Бенетон, со кои освои две титули, пред преселбата во Ферари, во најуспешната ера за италијанскиот тим. Затоа, може да се каже дека човекот знае што зборува.
„Во саботата Макс ја пропушти пол-позицијата само бидејќи Фетел имаше неверојатен круг. Во неделата се бореше остро против големи ривали и беше доволно храбар да оди понатаму во тие неколку кругови. Потоа, однапред ја диктираше трката. Леснотијата со која го прави тоа треба да биде причина за радост кај него и кај неговиот тим“, додава Браун.
Потсетете се на одличната трка на новата Ф1 ѕвезда.