Формула 1 може да биде потранспарентна околу одлуките на стјуардите, но не постои скриен заговор зад казната која го чинеше Себастијан Фетел и Ферари победа на Канадското ГП, вели директорот на Ф1, Рос Браун.
Фетел во неделата беше казнет откако излезе надвор од патеката, пред да се врати опасно пред Луис Хамилтон, и казната од 5 секунди на крајот значеше дека ја загуби победата. Фетел реагираше фуриозно, јасно изразувајќи го незадоволството, и Браун признава дека има преголема дебата.
„Имам огромна почит кон работата на стјуардите и нивнот професионализам и верувам дека тие први посакуваат исходот на една трка да не се одлучува преку казните. Исто така, од друга страна сфаќам зошто навивачите тешко можат да разберат зошто тој што е на подиумот не е истиот со тој што ја завршил трката како прв. Потребна ни е професионалност и транспарентност во толку комплексен спорт“, вели Браун.
Браун во минатото беше технички директор на Ферари и шеф на тимот на Мерцедес, и вели дека во соработка со ФИА ќе се направи ревизија за презентацијата на одлуките на стјуардите. Во секоја Ф1 трка, пет стјуарди ги резгледуваат податоците и видео-снимките во реално време.
Откако Ферари најавија дека ќе се жалат на одлуката, Браун вели дека таа сигурно ќе биде независно разгледана.
„Не постои заговор зад ова. Можеби се согласувате, можеби не, но тие кои работат како стјуарди немаат скриен план, тоа е сигурно“, вели Браун.