Top Sport

Бриаторе во Баку му бара нов тим на Фернандо Алонсо

Шпанската „Марка“ вели дека присуството на Флавио Бриаторе на Азербејџанското ГП има точно одредена цел – на Фернандо Алонсо да му најде нов тим за 2019 со кој ќе може да се бори за Формула 1 титулата.

Бриаторе и Алонсо се долгогодишни пријатели и соработници, откако токму во Рено, тогаш под водство на контроверзниот Италијанец, Алонсо ги освои двете светски титули и ја направи својата репутација. Бриаторе потоа „шуруваше“ во неговиот трансфер во Мекларен, па го врати назад во Рено, за да помогне да потпише договор со Ферари.

Алонсо е незадоволен бидејќи и во четвртата сезона со Мекларен, англискиот тим не е ниту блиску до борба за подиуми, и би сакал својата кариера да ја заврши во еден од трите големи тимови (Ферари, Мерцедес или Ред бул). Без главен спонзор и наводно со помал буџет дури и од Рено, Мекларен веќе не е „доволно добар“ тим за Фернандо.

Мерцедес за 2019 немаат договор ниту со Луис Хамилтон (кој уште преговара со тимот), ниту со Валтери Ботас (кој доби едногодишен договор), Ферари го имаат „врзано“ Себастијан Фетел, но не и Кими Раиконен, додека во Ред бул, Макс Ферстапен има долгогодишен договор, но не и Даниел Рикјардо (кој најави дека ќе чека до летото).  Бриаторе верува дека Алонсо уште има што да понуди, и се обидува да го материјализира тоа. Останува да видиме дали ќе успее.

Scroll to Top