Top Sport

Цела сезона во Ф1 ја решава една трка – големото финале во Абу Даби – Хамилтон или Ферстапен?

Возбудлива, најдолгата сезона во историјата на Формула 1, полна со заплети, контроверзи, јасни и нејасни одлуки ќе се затвори со денешната трка за Големата награда на Абу Даби (Обединетите Арапски Емирати) на патеката „Јас Марина“.

Целата сезона се сведува само на една трка, онаа последната која со почеток во 14 часот по средноевропско време ќе започне во Абу Даби.

Макс Ферстапен против актуелниот шампион Луис Хамилтон, Ред Бул против Мерцедес за титулата кај конструкторите.
Холанѓанецот и Британецот неверојатно но вистинито пред последната трка влегуваат со ист број бодови, по 369,5 што во Ф1 циркусот не се случило од 1974 година. Тогаш во главните улоги биле Емерсон Фитипалди и Клеј регазони, а Бразилецот тогаш ја освоил својата втора и последна шампионска титула.

Ферстапен во последната трка влегува со блага предност затоа што во сезоната славеше на 9 трки наспроти Хамилтон кој славеше осумпати. Доколку биде нерешено и по оваа трка, токму овој податок оди во корист на младиот предизвикувач.

Бројот на победи ќе се смета само доколку двајцата претенденти за титулата не ја завршат трката или се пласираат надвор од топ 10

Ферстапен има уште една предност, вчерашните квалификации ги заврши со подобро време од конкурентот, па ќе стартува од пол позицијата.

Патеката е долга 5.281 метар и се возат 58 кругови, вкупната должина е нешто повеќе од 306 километри.

Доколку Хамилтон ја освои титулата, би го надмашил Михаел Шумахер на тронот затоа што во моментов се изедначени со по 7 шампионски титули.

Вредно за споменување е дека денешната трка ќе е последната во кариерата на финскиот возач Кими Раиконен (Алфа Ромео) кој ќе вози по 349. пат.

Што се однесува до борбата меѓу конструкторите, Мерцедес има 28 бода предност пред Ред Бул.

Scroll to Top