Top Sport

Дакар 2018: Ал-Атијах и Сандерленд се вратија со победи

Двократниот шампион од Дакар релито, Насер Ал-Атијах стигна до втората победа во три етапи на овогодишната трка, додека поранешниот ВРЦ возач, Мико Хирвонен се откажа од трката по проблемите на 296 километарската етапа од Писко до Сан Хуан де Маркона.

Катарецот Ал-Атијах победи на првата етапа во Перу, но проблемите во неделната етапа го спуштија на петто место во генерален пласман, но тој се врати импресивно со најдобро време на речиси сите мерни места, за на крајот да заврши 4 минути пред главниот ривал, актуелниот шампион, Стефан Петерхансел во Пежо, и сега е трет во генерален пласман.

Петерхансел сега е нов лидер со второто место на етапата, поминувајќи го колегата Сирил Деспре, кој заостана осум минути. На третото место на етапата беше Карлос Саинс, додека Себастиен Леб беше петти во добар ден за возачите на Пежо.

Откажувањето на Хирвонен доаѓа еден ден откако претходно во неделата се откажаа уште двајца возачи на Х-Рејд тимот, Брис Мензис и Јазид Ал-Рахџи, по што во борба за титулата остануваат возачите на Тојота и Пежо.

Во пласман на мотоцикли, актуелниот шампион, Британецот Сем Сандерленд се врати во водство по победата на третата етапа и проблемите на лидерот Жоан Бареда. Слично како и за Ал-Атијах, ова е втора етапна победа оваа година за Сандерленд, откако во неделата падна на четвртото место.

Сандерленд на крајот на етапата беше за 3:03 пред Кевин Бенавидес (Хонда), додека трет беше неговиот колега од КТМ, Тоби Прајс. Сандерленд сега има 4:38 предност пред Бенавидес, Квинтаниља и Прајс за КТМ да има тројца возачи во топ 6.

Од друга страна Бареда на Хонда имаше 2:30 предност пред етапата, но загуби повеќе од 28 минути по грешка во навигацијата, додека Ксавиер де Султре во Јамаха направи слична грешка и загуби 13 минути.

Scroll to Top