Французинот Стефан Петерхансел, 13-кратен шампион на Дакар релито, се врати со доминантна победа на деветтата етапа по проблемите кои ги имаше вчера, додека Карлос Саинс речиси сигурно ги загуби шансите за победа откако загуби дури 22 минути во текот на етапата.
Петерхансел беше најбрз на 465 километри долгата етапа околу Неом во Саудиска Арабија, правејќи предност од 18 минути пред Катарецот Насер Ал-Атијах, кој имаше малер со две дупнати гуми во текот на етапата. Саинс пак, имаше дупната гума и проблем со сопирачките за едвај да стигне на целта и сега заостанува 1 час и 2 минути зад Петерхансел на три етапи пред крајот на трката. Ова беше прва етапна победа на Петерхансел на овогодишната трка.
Чекор кон неочекувана победа направи и Чилеанецот Хозе Игнасио Корнехо во пласман на мотоцикли, откако направи предност од 10 минути по падот и хоспитализирањето на Тоби Прајс на деветтата етапа.
Неговиот колега од Хонда, Кевин Бенавидес победи на деветтата етапа со 1:34 пред Корнехо, но двајцата беа над 13 минути пред конкуренцијата. Австралиецот Прајс (КТМ) падна по 155 километри од трката и веднаш со хеликоптер беше однесен во болницата во Табук со повреди на десниот зглоб и левото рамо. Официјалните лица објавија дека тој е свесен.
По неговото откажување, Корнехо има 11:24 предност пред Бенавидес.