Top Sport

Дали Ферари му даваат на Леклер подобар болид отколку на Фетел?

Себастијан Фетел предизвика контроверзи по Португалското ГП, откако посочи дека можеби нема идентичен болид како колегата од Ферари, Шарл Леклер, нешто што веднаш го демантираа од италијанскиот тим.

Фетел повторно беше послабиот возач на Ферари во Португалија, завршувајќи на 10. место, додека Леклер беше 4., и младиот возач од Монако го има победено Фетел на сите трки во 2020. Со ова се комплетира „падот“ на четирикратниот светски шампион во Ферари, откако тие му соопштија дека нема да му го продолжат договорот и ќе го заменат со Карлос Саинс во 2021. Фетел, во интервју за „РТЛ“ по трката посочи дека нешто не е во ред.

„Од една страна сум задоволен бидејќи мислам дека имав добра трка и покрај лошиот старт. Но, од друга страна, очигледно е дека другиот болид е многу побрз. Каде губам време? Го гризам јазикот цела година. Некои идиоти нема да сфатат, но дали јас сум целосен идиот? Не би кажал така. Понекогаш со среќа ќе стигнеш до лимитот, но јас не можам оваа година. На другата страна изгледа многу полесно. Моите очекувања беа многу поголеми“, вели Фетел.

Шефот на Ферари, Матија Биното ги отфрли обвинувањата дека не се однесува фер кон двајцата возачи.

„Болидите на Себ и Шарл се целосно идентични. Искрено се надевам дека Себ ќе може да оствари повисока позиција на квалификациите во Имола и ќе покаже што умее. Шарл е многу добар, но можеби очекувате уште повеќе од вториот возач“, изјави Биното.

Scroll to Top