Top Sport

Дали Шуми со измама стигна до првата титула и зошто загина Сена?

Новата книга на авторот Ибрар Малик со наслов „1994: Нераскажаната приказна за трагична и контроверзна сезона“ тврди дека Михаел Шумахер со измама стигна до својата прва светска титула во 1994 година, додавајќи дека тоа индиректно е поврзано со трагичната смрт на легендата Аиртон Сена.

Бразилецот Сена загина по судирот на Сан Марино ГП трката во Имола, и до својата смрт веруваше дека тимот на Шумахер, Бенетон користеше тогаш нелегален систем за „контрола на триењето“ за да се минимизира губитокот при забрзување, уред кој беше забранет пред стартот на сезоната.

Сена се откажа во првиот круг на претходната трка на календарот во Јапонија и пред да се врати во боксот, стоеше до својот ривал и го набљудуваше болидот на Шумахер откако го слушна моторот при користењето на сопирачки.

„Сена беше убеден дека има нешто поинаку на болидот на Шумахер. Дали тоа беше така, не знам, но Аиртон веруваше во тоа“, изјави поранешниот менаџер на Вилијамс, Јан Херисон во 2014 година.

Сомнежите се зголемија кога во 2011, колегата на Шумахер од 1994, Јос Ферстапен (и татко на сегашниот тркач Макс Ферстапен), призна дека Германецот користел недозволени електронски помагала.

Теоријата во книгата на Малик е дека техниката на Шумахер на користење на сопирачка со левата нога го „измамила“ Сена. Сопирањето со лева нога беше ново во Ф1 во 1994, но Шумахер бргу се навикна на овој метод и податоците од телеметријата покажувале дека тој со десната нога заддржува 10-15 отсто на гас, дури кога сопира со левата нога. Со ова болидот останувал постабилен и аеродинамиката подобро функционираше.

Вилем Тет, Австралиецот кој беше шеф на аеродинамика во Бенетон во 1994, вели дека оваа техника го „измамила“ Сена.

„Чудниот звук беше користењето на сопирачката со лева нога и гасот со десна нога. Тоа е најверојатното сценарио“, вели Тет.

Сомнежите дека болидот на Бенетон беше нелегален се зголемија како што се движеше сезоната, откако Светската автомобилистичка федерација (ФИА) ја заплени „црната кутија“ во која беше софтверот за менаџирање на моторот. Независната анализа покажа дека Бенетон имале софтвер со кој можеле да ги прекршат регулативите, но додаде дека тој не можел да биде активиран од возачот, односно од Шумахер.

Сопственикот и основач на тимот на Сена, Френк Вилијамс оттогаш неколку пати призна дека Сена сакал да вложи официјален протест до ФИА за легалноста на Бенетон, но тимот го убедил да не го прави тоа.

Сезоната на контроверзи заврши со последната трка во Аделаида, Австралија, каде што Шумахер имаше само еден поен предност пред Дејмон Хил. Двајцата се судрија откако Шумахер излезе од патеката и удри во Хил и двајцата се откажаа од трката, со што трофејот отиде кај Германецот. Многу фанови на Хил и Вилијамс уште сметаат дека ова беше намерен потег.

„Ние во Вилијамс 100 отсто сметавме дека Михаел е виновен за инцидентот. Размислувавме за протест, но 1994 беше ужасна година. Аиртон Сена загина во наш болид и не мислевме дека е во ред Дејмон да ја освои титулата со протест и на суд“, вели тогашниот технички директор на Вилијамс, Патрик Хед.

Scroll to Top