Top Sport

Дејмон Хил: Оваа година Фетел е фаворитот

Светскиот шампион од 1996 година, Дејмон Хил инсистира дека Себастијан Фетел и Ферари се фаворитите за титулата оваа сезона и покрај тоа што Германецот го загуби водството во генерален пласман по трката во Азербејџан.

Фетел ја почна сезоната со две победи во низа, но потоа следуваа хаотичните трки во Кина и Азербејџан, каде што безбедносното возило двапати му ги уништи шансите за добар пласман. Хамилтон стигна до неочекувана победа во Азербејџан за да стане лидер во генерален пласман со четири поени предност пред Фетел.

„Мислам дека би било умно да ставите пари на Фетел. Видете каде е Луис – тој е лидер, но имаше среќа да стигне до таму. Себастијан и Ферари дефинитивно се на врвот оваа сезона, барем засега“, вели Хил.

Британецот, кој својата титула ја освои со тимот на Вилијамс, имаше што да каже и за својот поранешен тим, кој има катастрофален старт на сезоната и дури во Азербејџан ги освои првите поени. Таткото на возачот на Вилијамс, Лен Строл, канадскиот милијардер Лоренс дури им порача на луѓето од тимот да размислат да станат „партнер“ на Мерцедес, слично како што Хас работи со Ферари. Хил не се согласува.

„Проблемот со таков договор е што секогаш ќе зависиш од тимовите кои се доминантни. Ако Ферари прават кориснички болиди за тимови како Хас, а Мерцедес прават болиди за Вилијамс, јасно дека ќе бидете само Б-тим. Тоа не е иднина каква што заслужува тим како Вилијамс“, вели Хил.

Фото: ЕПА

Scroll to Top