Top Sport

Дел од Мото ГП возачите сакаат откажување на американската трка

Повеќе Мото ГП возачи се загрижени за состојбата на асфалтот на Патеката на Америките во Остин, Тексас, каде што вечерва се вози трка од Светскиот шампионат, велејќи дека не би сакале да се вратат на патеката.

Според нив, асфалтот на патеката е премногу опасен со многу нерамнини, и тие бараат за следната сезона да се обнови асфалтот ако повторно има трка во САД. Патеката во Остин има постојан проблем – се шири кога има влага, а се собира кога е суво, а студената зима и влажното лето само ја влошија состојбата.

„Ако не ја обноват подлогата барем на првите два сектори, тогаш не верувам дека ќе се вратиме тука,“ вели возачот на Сузуки, Жоан Мир.

Франческо Бањаја, кој се бори за титулата со Фабио Квартараро ја спореди ситуацијата со Британското ГП во 2018 година, кога трката беше откажана поради опасност кон возачите.

„Мислам дека нема да има откажување и дека ќе мораме да се тркаме тука, но состојбата е навистина опасна“, изјави Бањаја.

Сепак, не се сите толку незадоволни – осумкратниот шампион Марк Маркез вели дека нема проблем со патеката.

„Да, треба да возиш на лимитот, но не и над лимитот“, вели Шпанецот.

Scroll to Top