Top Sport

Деценија мина од кобното скијање – Јавноста не знае ништо за здравствената состојба на Михаел Шумахер

Пред точно десет години, Михаел Шумахер, доживеа тешка несреќа во Мерибел, зимски центар во француските Алпи. Од тој момент па се до денес светската јавност добива малку информации за здравствената состојба на легендарниот Формула 1 возач. Каква е здравствената состојба на легендарниот возач не откри ниту документарниот филм на „Нетфликс“, прикажан минатата година.

Семејството љубоморно ја чува приватноста, она што сметаа дека треба да го сподели со јавноста во првите две години го објавуваше портпаролката на семејството Забине Кен, а потоа таа задача на себе ја презеде сопругата Корина, која редовно порачува дека има разбирање за јавноста која бара информации, но во исто време бара да се почитува приватноста на семејството.

„Секогаш ја ценеше приватноста, ние и понатаму живееме како семејство. Со него работиме терапии, правиме се за да се чувствува удобно. Важно ни е да не ни биде нарушена приватноста. Тој секогаш не штител, сега ние го штитиме него“, им објасни сопругата Корина, во една прилика на новинарите.

Неколку пати информации во јавноста сподели подели и поранешниот шеф на Шумахер во Ферари, Жан Тод.

„Мајкл е тука, па не ми недостига. Но, тој едноставно не е Мајкл што го знаеме. Тој е поинаков, за него прекрасно се грижат неговата сопруга и децата кои го штитат. Тој сега е поинаков и јас ја имам привилегијата да споделам моменти со него. Тоа е се може да се каже“, изјави Тод за весникот „Лекип“.

„За жал, судбината го снајде пред 10 години. Тој повеќе не е Мајкл кој го знаевме во Формула 1“, додаде Тод.

„Шумахер не може да зборува. Комуницира само со очите. Само тројца смеат да го видат“, тврди Елизабета Грегорачи, поранешната сопруга на Флавио Бријаторе. Синот на легендарниот Енцо Ферари, Пјетро, потврдил дека Шумахер не може да зборува.

Претходно, семејството на Шумахер, го доби судскиот процес против магазинот „Бунте“. Семејството во 2015 година го тужеше магазинот за пишување невистини поврзани со здравствената состојба на Шумахер.

„Бунте“ во 2015 година објави дека легендарниот возач, може да ја подигне раката и дека може да оди со мала помош од друго лице. На судот, адвокатот на семејството, Феликс Дам, со помош на физиотарапевт, потврдил дека Шумахер не може да стои.

Во јуни 2019 година, јавноста дозна дека Шумахер го лечат со матични клетки.

Не се знае каде се наоѓа 52-годишниот Шумахер. Едни тврдат дека е во Мајорка, други дека е во Швајцарија, а мал број луѓе тврдат дека се наоѓа во САД.

Шумахер несреќата ја доживеа во Мерибел, додека скијал тој паднал и со главата удрил во камен. По несреќата веднаш бил префрлен во клиниката во Гренобл, каде му беше извршена операција, а потоа шест месеци беше во вештачка кома.

Неговата рехабилитација продолжи во швајцарска Лозана, а во септември 2022 година е префрлен на домашна нега во семејниот дом во Гланд, Швајцарија.

Од моментот кога се случи несреќата неговите колеги, пријатели, навивачи…, не престана да испраќаат пораки со поддршка, а со него останаа и речиси сите спонзори. Сите тие не ја загубија надежта дека Шуми ќе ја добие најважната трка во својот живот.

Михаел Шумахер без сомнение е еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1. Тој е седумкратен светски шампион (рекордот го израмни Луис Хамилтон во 2020 година). Во текот на кариерата возеше за Џордан, Бенетон, Ферари и Мерцедес, а најголемите успеси ги постигна како возач на Скудерија Ферари.

Првите две титули ги освоил со Бенетон (1994, 1995), а апсолутна доминација оствари со Ферари, освојуваќи пет титули (2000-2004). Од Формула 1 се повлече во 2006 година, но на патеките се врати во 2010 година во болидот на Мерцедес од каде замина во пензија по трката во Бразил во 2012 година.

Германецот во кариерата стартувал на 307 трки, забележал 91 победа, а вкупно 155 пати се искачувал на победничкиот пиедестал. Од пол позицијата стартувал 68 пати, а 77 пати го возел најбрзиот круг. Освоил вкупно 1.566 бодови.
Иако на патеките покажуваше возачка луцидност и знаење, сепак неговата кариера не мина без инциденти кои вечно ќе се паметат.

До својата прва титула во 1994 година стигна откако на последната трка во Австралија од патеката го истурка Дејмон Хил. Нешто слично се обиде да направи и во 1997 година, кога на трката во Херез се обиде да го исфрли Жак Вилнев, но на крајот тој заврши надвор од патеката, а Вилнев ја освои титулата.

Поради тој инцидент подоцна ФИА му го одзеде второто место во вкупниот пласман, но резултатите постигнати таа сезона не му беа избришани.

Михаел Шумахер од 1995 година е оженет со Корина, има две деца Џина-Марија и Мик.

Познат е по својата хуманитарна работа, на разни организации со својата работа им подарил десетици милиони долари.
Беше и амбасадор на УНЕСКО и се бореше за безбедноста на возачите на патиштата.

И неговиот помлад брат Ралф возеше во Формула 1, интересно тие се единствените браќа кои ги освоиле првите две места на некоја трка (2001 во Канада), а потоа истото го повторија на уште четири трки.

Scroll to Top