Трикратниот светски шампион во Формула 1, Сер Џеки Стјуарт морбидно ги предупреди возачите да не ризикуваат премногу по смртта на Формула 2 возачот, Антоан Убер на Белгиското ГП во Спа, оценувајќи дека уште една „огромна катастрофа“ е неизбежна.

Светот на мотоспортот беше завиен во црно во саботата, откако 22-годишниот Французин го загуби животот откако на неговиот болид налета Хуан-Мануел Кореа со брзина од речиси 200 км/ч. Ова беше прва смрт на возач на еден Ф1 викенд од таа на Аиртон Сена во Имола во 1994 година.

Стјуарт вели дека има премногу инциденти и дека ФИА мора да реагира.

„Според мене, има премногу инциденти во последните 24 или 36 месеци и никогаш не добивме казна како што добивме овој викенд. Видовме како се кршат крила, како се креваат болиди. Се случи и во неделата кога Макс Ферстапен се удри со Кими Раиконен во првиот круг. Возачите мораат да бидат подготвени и да разберат дека треба да внимаваат на патеката – никој не е отпорен на куршуми. Не можат да мислат дека ќе ’избегаат’ со тоа. Ова мора да биде будење. Одеднаш младата генерација сфаќа дека ако направи нешто погрешно ќе се случи катастрофа. Не е невозможно да имаме нова инцидент. Сите се потресени“, вели 80-годишниот Стјуарт.

Стјуарт, кој имаше 27 победи во само 99 ГП трки, возеше во една од најсмртоносните ери во Ф1, и токму тој ја предводеше кампањата за безбедност на возачите.

Французинот Жил Бјанки е единствен Ф1 возач чиј инцидент заврши фатално во 21. век, откако почина од повредите на главата добиени на дождливото Јапонско ГП во 2014 година.