Top Sport

Доменикали ветува: 24 трки се максимумот во Формула 1

И покрај постојаниот раст на бројот на трки во Формула 1 шампионатот, шефот на Ф1, Стефано Доменикали ветува дека 24 трки се максимумот кој тимовите можат да го исполнат во една година.

Со пристигнувањето на Лас Вегас ГП трката во 2023 и враќањето на трките во Катар и Кина, во 2023 година ќе имаме рекорден шампионат од 24 трки во 21 земја за само 9 месеци. Иако ова го покажува огромниот интерес кој промотерите го имаат за спортот, генералниот директор на Ф1 вели дека ова е „максимумот“ кој може да се оствари.

„23 до 24 трки е добра бројка, но не сакаме да зборуваме за повеќе. Сите трки ќе бидат избрани за да се исполни оваа бројка. Има многу фактори, но мислам дека со 24 стигнавме до максимум. Пазарот побарува ваков број на трки. Имавме 15 трки во сезона но сега има поголем интерес, за кој се надеваме дека само ќе зголемува“, вели Доменикали.

„Конкорд“ договорот меѓу Ф1, ФИА и тимовите го ограничува бројот на трки на 25 по сезона, но овој договор ќе треба да се обнови бидејќи трае до сезонта 2025. Кај тимовите и кај возачите има отпор за зголемувањето на бројот на трки – шефот на Мерцедес, Тото Волф призна дека нема да може да биде на сите трки во 2023, додека двократниот светски шампион Макс Ферстапен изјави дека неговата кариера ќе биде „скратена“ ако календарот се зголемува.

„Една третина од трките ќе бидат во Европа, една третина во Америка и на Блискиот Исток, и последната третина на Далечниот Исток. Кога се прави календарот, финансиската страна е многу важна. Има многу повеќе понуди за трки отколку места на календарот“, објаснува Доменикали.

Scroll to Top