Top Sport

Доминација на Дукати, катастрофални квалификации за Јамаха

Возачите на Дукати ги освоија првите две позиции во квалификациите, во пресрет на утрешната трка за Големата награда на Арагон, во Мото ГП шампионатот.

Прашањето кој ќе ја освои пол-позицијата беше решено во последниот квалификациски круг, кога возачите на Дукати успеаја да го симнат од врвот до тој момент водечкиот Марк Маркез. Разликата помеѓу првите тројца во квалификациите изнесуваше помалу од 80 илјадити делови од секундата.

Пол-позицијата ја освои Хорхе Лоренцо со време 1:46.881 минути. Неговиот тимски колега Андреа Довициозо имаше послабо време за 14 илјадити делови од секундата, а Маркез задоцни за 79 илјадити делови од секундата.

Во вториот ред на стартот ќе бидат Кал Крачлоу (ЛЦР Хонда), Андреа Јаноне (Сузуки) и Дани Педроса (Репсол Хонда), а зад нив се Данило Петручи, Алваро Баутиста и Алекс Ринс.

Исклучително лоши квалификации имаше тимот на Јамаха. Маверик Вињалес ќе стартува од 11., а Валентино Роси од 18. позиција.

За легендарниот Роси ова се најлошите квалификации уште од 2006 година и борбата за пол-позицијата во Асен, Холандија.

Scroll to Top