Top Sport

Довициозо „мајстор“ на дождот, Маркез ќе почека за титула

Дукати стигна до фантастична 1-2 победа на Малезиското ГП во Сепанг, откако Андреа Довициозо го победи Хорхе Лоренцо и не дозволи Марк Маркез да ја слави титулата на малезиската патека. Подиумот го комплетираше францускиот дебитант Јохан Зарко, додека Маркез беше само четврти.

Резултатот значи дека Довициозо сега заостанува 21 поен зад актуелниот шампион Маркез, со што титулата ќе се одлучува на последната трка од сезоната во Валенсија, и иако Шпанецот е во подобра позиција, на патеката може да се случи сè. На Маркез ќе му биде доволно 11. место да биде четирикратен шампион дури и Довициозо да победи.

„Беше навистина незгодно со условите на патеката, но мотоциклот беше совршен. Во средината на трката се загрижив дека Хорхе ќе избега со победата, но на крајот имав среќа. Ова беше совршен викенд за мене и за тимот“, изјави Довициозо.

На влажната патека, фабричките мотоцикли на Дукати на Довициозо и Лоренцо беа апсолутно доминантни, иако прв лидер на трката беше Јохан Зарко во Тех 3 Јамаха. Маркез поведе од седмото место на стартот, но веднаш беше поминат од Зарко и Лоренцо.

Довициозо беше на четвртото место и му вршеше притисок на Маркез пред да го помине во четвртиот круг на 14. кривина, во ситуација во која најдобрите четири се одвоија од остатокот на мотоциклистите.

Зарко направи предност од речиси две секунди пред Лоренцо да го пристигне Французинот и во деветтиот круг да го помине. Довициозо помина неколку кривини подоцна за 1-2 водство на Дукати. Маркез не успеа да го помине Зарко на четвртото место, а Лоренцо очигледно доби порака да го пропушти Довициозо во 16. круг од трката за Италијанецот да ја однесе борбата за титулата во Валенсија.

Scroll to Top