Top Sport

Довициозо преговара со Хонда и Сузуки!

Андреа Довициозо додека чека јасна понуда од својот тим Дукати преговара со Хонда и со Сузуки, јавува „Аутоспорт“.

30-годишниот Италијанец минатата сезона првпат по една деценија ги предводеше Дукати во борба за титулата, со шест победи и со второ место зад Марк Маркез во Хонда, а минатиот викенд со победа во Катар ја започна новата сезона.

Дови, кој дојде во Дукати од Тех 3 Јамаха во 2013 година, има плата од околу 2 милиони евра, додека неговиот колега Хорхе Лоренцо го чини Дукати 12 милиони евра годишно откако лани дојде од Јамаха. Италијанецот, чиј договор исто како тој на Лоренцо завршува на крајот на годината, сака добра понуда од својот тим.

„Дови сака да почувствува дека го вреднуваат. Тој нема да прифати изговори како сумата која треба да се одвои за неговиот колега“, вели извор близок на Италијанецот.

Во Јамаха нема место, бидејќи тимот ги продолжи договорите со Валентино Роси и Маверик Вињалес, но во Хонда ако местото на шампионот Марк Маркез е сигурно, тоа на Дани Педроза не е толку сигурно. Довициозо ја почна кариерата со Хонда, возејќи во сателитскиот ЈиР тим во 2008 година.

Сузуки, кои имаа тешка 2017, имаа ветувачки старт на сезоната, и нема возачи под договор по крајот на сезоната.

Фото: ЕПА

Scroll to Top