Италијанскиот возач Андреа Довициозо вели дека Дукати се наоѓа во „чудна ситуација“ поради која сите во тимот се опуштени во пресметката за Мото ГП титулата со трикратниот шампион Марк Маркез во Хонда.
Довициозо го победи Маркез во епска борба на дожд во Мотеги, Јапонија во неделата, за да ја намали предноста на Шпанецот во генерален пласман на 11 поени со три трки до крајот на шампионатот. Последната титула Дукати ја освоија во 2007 година со Кејси Стонер и Довициозо вели дека тоа што го сметаат за аутсајдер во борбата значи дека нема толку голем притисок.
„Да ја продолжиме борбата за титулата мора да сме брзи во сите преостанати трки. Тоа е вистински предизвик, не толку поради борбата, туку поради стратегиите во трката. Не мислам дека сме фаворити, но работиме опуштено бидејќи сме во чудна ситуација. Нереално е да се размислува за трофејот, и на крајот ако не го освоиме, знаеме дека сме имале фантастична сезона. До крајот може да се случи сè, но продолжуваме на ист начин“, изјави Италијанецот.
Довициозо признава дека ќе биде многу тешко да се победи Хонда и Маркез на патеката Филип Ајленд во Австралија овој викенд, посебно поради одличните резултати на Шпанецот на трката.
„Ќе биде сосема поинаку во Австралија, бидејќи тоа е една од омилените патеки на Марк. Долгите леви кривини секогаш му одговараат и тоа е негов специјалитет. Но, лани имавме добра трка со четврто место, а оваа година имаме и побрз мотоцикл.