Top Sport

Дождот ја откажа Мото ГП трката во Силверстон

Силниот и постојан дожд предизвика откажување на Мото ГП трката во Силверстон, по неколку часа одложување на стартот на трката.

И покрај обидите на организаторите да го избегнат предвидениот дожд и поместувањето на стартот на трката во 11.30 часот по локално време, постојаниот дожд значеше дека Британското ГП не можеше да се стартува. По состанокот меѓу тимовите и организаторот „Дорна“ беше отфрлена идејата трката да се презакаже за понеделник, бидејќи немаше достапни стјуарди на трката.

Трката прво беше презакажана за 14 часот, па за 15 часот по локално време, за во 16 часот (17 по македонско) да биде потврдено дека нема да има трка. Мото2 и Мото3 трките исто така се откажани.

Уште во саботата стана јасно дека возачите не се подготвени да ризикуваат на водена патека по инцидентот на тренингот, кога Тито Рабат падна и беше удрен од мотоциклот на Франко Морбидели добивајќи тројна фрактура на левата нога.

Последен пат Мото ГП трка беше откажана во Австрија во 1980 година, поради снег на патеката, иако Малезиското ГП во 2011 година беше „поништено“ по инцидентот во кој животот го загуби Марко Симончели.

Scroll to Top