Top Sport

Дукати го потврди трансферот на Марк Маркез

Претпладнево, од Борго Панигале, стигна официјална потврда дека Марк Маркез (31), осумкратниот светски шампион во мотоциклизам, ќе биде возач на фабричкиот тим на Дукати во Мото ГП шампионатот од 2025 година.

„Многу сум среќен што ќе ги носам црвените бои на Дукати следната сезона. Уште од првиот контакт со луѓето од тој тим добро се согласуваме. Драго ми е што во 2025 година ќе можам да го направам тој голем чекор и благодарен сум што ми се укажа шансата. Ќе продолжам да напредувам во тимот каде Пеко Бањаја две години по ред е шампион“, изјави Марк Маркес.

Останува да видиме и што ќе биде со Енеа Бастианини, кој оваа сезона вози со Бања во Дукати. Неговиот менаџер Карло Пернат најави дека Бастианини од селедната сезона ќе стане дел од КТМ, но нема да вози за фабричкиот тим туку во сателитскиот тим ГасГас.

За одлуката да го ангажира Маркез проговори и и Џиџи Дал’Ињга, генерален директор на Дукати.

„Одлуката за новиот колега на Бањаја не беше лесна бидејќи имавме список со многу силни кандидати. На крајот изборот падна на Маркез бидејќи неговиот талент е неспорен. Неговата вродена амбиција го тера да расте. Со овие двајца возачи ќе имаме 11 титули во нашата гаража. Секогаш ќе можеме да се потпреме на нивното искуство и зрелост“.

Мотоциклистот од Сервера во тековната сезона вози Дукати, но во тимот на Гресини Рејсинг.

Во Мото ГП конкуренцијата Маркез славеше во 2013, 2014, 2016, 2017, 2018 и 2019 година, а во последните години имаше големи проблеми со повредите. Претходно освојуваше титули во Мото2 конкуренцијата, како и во класата до 125 кубни сантиметри.

Моментално е трет во генералниот пласман во Мото ГП, пред него се Хорхе Мартин од Прамак Дукати и идниот колега , Франческо Бања.

Мото ГП шампионатото ќе продолжи со викендот во Асен, каде од 28 до 30 јуни ќе се вози за Големата награда на Холандија.

Scroll to Top