Top Sport

Дупнатата гума му ја „украде“ победата на Ферстапен, ќе имаме ли рестарт?

Макс Ферстапен беше на чекор до спектакуларна 1-2 победа за Ред бул по фантастичната завршена стратешка работа на неговиот тим, кога на четири круга пред крајот му се дупна гумата предизвикувајќи црвено знаме и прекин на трката, во која се чека одлука дали ќе се продолжи, со Серхио Перез на првото место, Луис Хамилтон на второто и Себастијан Фетел на третото место.

Ферстапен водеше во поголемиот дел од трката, откако неговиот тим заврши многу подобра работа при влегувањето во боксот, оставајќи го Хамилтон на третото место пред да му се случи инцидентот. Ова беше втор ваков инцидент со гумите на Пирели, откако претходно излета и Ленс Строл во Астон Мартин, што ќе предизвика големи прашања околу квалитетот на гумите на италијанската компанија.

Освојувачот на пол-позицијата, Шарл Леклер во Ферари, успеа да остане во водство по стартот, меѓутоа веднаш се забележа дека неговиот болид нема сила да се бори со моќните Мерцедес и Ред бул зад него, и беше поминат прво од Хамилтон, а потоа и од Ферстапен во првите седум круга.

По ова, Мерцедес први го повлекоа Хамилтон во боксот, но релативно спорото менување на гуми значеше дека Ред бул начека вистинска шанса, и по нивното влегување во боксот, и Ферстапен и Перез излегоа пред него.

Вака трката се одвиваше до 34. круг, кога се случи излетувањето на Строл, и излегувањето на безбедносното возило. Ниту тогаш, Хамилтон не успеа да го претекне Перез пред него, но зад нив, Себастијан Фетел успеа да скокне на четвртото место, поминувајќи ги Шарл Леклер и Пјер Гасли.

Кога се чекаше само крајот на трката, се случи инцидентот на Ферстапен и следуваше црвено знаме, по што болидите се наредија во боксот, чекајќи рестарт.

 

Scroll to Top