Top Sport

Еди Џордан: Шумахер ме излажа за да добие деби трка во Формула 1

Поранешниот  шеф на Ф1 тим, Еди Џордан се потсети на легендарното деби на Михаел Шумахер во Формула 1, велејќи дека германскиот освојувач на седум светски титули лажел за своето искуство пред трката.

Приказната за дебито на Шуми, еден од најдобрите возачи во историјата, е легендарна. Пред Белгиското ГП во Спа во 1991 година, 11-та трка од првата сезона на Џордан Ф1 во шампионатот, нивниот возач Бертран Гашо доби 18-месечна затворска казна за напад на таксист. Бидејќи им беше потребен возач, Мерцедес, кои го поддржуваа Шумахер, понудија 150.000 долари да му дадат шанса на Германецот.

Еди Џордан го прифати ова, и Шумахер имаше легендарно деби на својата омилена патека – се квалификуваше на седмото место, скокна до петтото на стартот на трката, но мораше да се откаже поради механички проблем. Џордан признава дека парите биле клучни за прифаќањето на понудата, но и тоа што Шуми, кој возеше во Формула 3 тогаш, му кажал дека има искуство во Спа.

„Ме излажа. Ме гледаше во очи и ме излажа. Го прашав пред да одиме, дали бил во Спа, а кога ќе прашате тркач мислите дали си се тркал таму. Тој ми кажа да, но лажеше, бил таму неколку години претходно со татко му додека возеше картинг, но не се тркал.  Затоа таа негова трка беше посебно импресивна“, вели Џордан за „Би-би-си“.

Иако Џордан имаше договор со Мерцедес Шумахер да вози за тимот до крајот на сезоната, веќе следната трка во Монца тој беше во болидот на Бенетон, тим со кој подоцна ќе освои две од своите седум титули. Џордан го тужеше Шумахер, но вели дека не го обвинувал.

„Не беше прашањето дали ми се допаѓа тој, туку дека Мерцедес лошо го изведоа тоа. Се однесоа многу лошо кон мене и ме изиграа на суд“, вели Џордан.

Scroll to Top