Берни Еклстоун никогаш не се воздржувал да го каже своето мислење, без разлика на последиците, како желбата за диктатура, љубовта кон рускиот претседател Владимир Путин, и последното, наводниот поголем расизам на црцните кон белците.
Во интервју за „Си-ен-ен“, поранешниот прв човек на Формула 1 зборуваше за активизмот на шесткратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој целосно застана во поддршка на движењето „Black Lives Matter“, велејќи дека е засрамен во „белиот спорт Формула 1“ никој не го поддржал.
„Луис е специјален човек. Прво, да кажеме дека е многу талентиран како возач, а сега дознавме дека има талент и за говори. Добро што застанува зад заедницата на црните луѓе, но мислам дека тоа нема да има никакво влијание во Формула 1. Можеби луѓето ќе размислат што е најважно. Истата ситуација е за сите и луѓето ќе мораат да сфатат дека не можеме сите да размислуваме исто. Во многу случаи, црните луѓе се поголеми расистите од белците. На пример, многу е глупаво што ги симнуваат сите споменици. Наместо тоа, остави ги статуите и учи ги децата во школо што е добро, а што е лошо“, објаснува Еклстоун.
Берни беше критикуван во 2008 година што не застанал во одбрана на Луис, кога дел од фановите на Фернандо Алонсо ги обоија своите лица црно во обид да го провоцираат.
„Според неговиот татко, кој тогаш му беше менаџер, немаше проблеми и бев изненаден што влијаело на него. Мислев дека нема да ги сфати сериозни тие луѓе и ќе го остави. Дали тоа навистина беше толку лично за него?“, вели Еклстоун.