Поранешниот шеф на Ф1, Берни Еклстоун вели дека Ред бул останува единствениот тим кој може да го предизвика шампионот Мерцедес оваа сезона, бидејќи е очигледно дека Ферари имаат проблеми кои ќе бидат тешко да се надминат.
Самиот шеф на Ферари, Матија Биното призна дека немаат доволно брзина во болидот по двата зимски теста, но од Мерцедес се сомневаат дека Скудерија кријат нешто пред стартот на сезоната. Еклстоун не верува во тоа.
„Болидот на Ферари очигледно не е добар. Но, како и милиони фанови на црвените болиди се надевам дека ќе ме изненадат“, вели Еклстоун за швајцарскиот весник „Блик“.
И покрај тоа што тој честопати беше обвинуван заедно со ФИА дека ги фаворизира Ферари, Екслстоун овојпат е на страната на седумте тима кои бараат објаснување за тајниот договор со ФИА околу моторот за 2019.
„Ако направија сè во рамките на правилата, зошто имаат таен договор? Мислам дека другите тимови треба да ја тужат ФИА бидејќи се работи за милиони кои ги заслужуваат. Да бев јас на чело на Ф1? И тогаш имаше огнови кои морав да ги гаснам. Во мое време секогаш беше можно да се најде консензус меѓу тимовите, ФИА и мене. Но, сега е предоцна“, вели Еклстоун.