Берни Еклстоун ги предупреди новите сопственици на Формула 1, „Либерти медија“ да не се однесуваат кон спортот како кон синџир на фаст-фуд ресторани.
87-годишниот Еклстоун ја имаше контролата на спортот речиси 40 години пред да биде сменет на почетокот на годината, иако имаше договор дека ќе остане три „преодни“ години. Досега тој критиките кон американските сопственици ги држеше на минимално ниво, но тоа не значи дека се согласува со насоката која се зема.
„Секогаш ја третирав Формула 1 како да е ресторан со три ѕвезди на Мишелин. Не треба да се однесуваме кон спортот како да е ресторан за фаст-фуд. Тоа е американскиот стандард, кој е на многу ниско ниво во споредба со Ф1. Сите кои биле вклучени во Ф1 во последните 40 години очекуваат повисоки стандарди“, вели Еклстоун во интервју со бразилскиот „Фоља де Сао Пауло“.
Тој посочи дека сегашниот менаџерски тим уште не сфаќа точно за што се работи во Формула 1 и како да го водат бизнисот.
„Мораат да се разбудат бргу. Навистина немам ништо против нив, туку ми е жал. Како да имате позиција на лекар и да му ја дадете на забар“, објаснува Еклстоун.