Пред стартот на зимското тестирање во Формула 1, една од најчудните шпекулации кои се појавија е дека Берни Еклстоун наводно добил понуда од сегашните сопственици на спортот „Либерти медија“ повторно да ја преземе контролата на Ф1.
„Либерти медија“ влезе во конфликт со Асоцијацијата на Ф1 промотори (ФОПА), во која се вклучени 16 промотори на Ф1 трки, кои не се задоволни од насоката во која се движи спортот, и наводно ова беше главната тема на состанокот во Лондон во вторникот меѓу Ф1 шефовите Чејс Кери и Рос Браун.
Во исто време, британскиот „Дејли мејл“ во интервју со Берни Еклстоун посочува дека и 88-годишниот Британец, кој четири децении го водеше спортот со „челична тупаница“ не е среќен.
„Ако луѓето велат дека треба да се вклучам, тоа е нивно мислење. Јас сум вработен во таа компанија и ќе првам што ќе ми кажат. Ако сакаат да помогнам, тука сум. Но, не сакам сум на смртната постела и да го гледам спортот кој го создадов како оди удолу“, изјави Еклстоун.