Берни Еклстоун на својот 87. роденден реши да открие дека тој самиот, заедно со Светската автомобилистичка федерација (ФИА), а неретко и ривалските тимови „помагале“ Ферари да биде поуспешен во Формула 1.
„Формула 1 е Ферари, а Ферари е Формула 1“, вели неодамнешниот шеф на Ф1 во интервју за италијанскиот весник „Ла република“.
По контроверзите со Макс Ферстапен на Американското ГП, таткото на Холанѓанецот посочи дека ФИА е кратенка за „Интернационална помош за Ферари“, а Еклстоун имаше коментар за тоа.
„Да се помогне на Ферари секогаш беше најумното нешто. Тоа беше направено преку техничките правила. Тимовите се важни за Ф1, но Ферари е повеќе од тоа. Затоа многу работи беа направени во минатото само Ферари да победува. Мислам дека оваа година имаа помош со моторите. Тоа е значајно за Мерцедес и за другите – победа над Ферари секогаш вреди повеќе. Ако Мерцедес решија да пратат технологија во Маранело, тоа беше добар потег. Пријателска ситуација меѓу тие два тима е најдобро нешто за Мерцедес. Тоа значи дека Ред бул го немаат најмоќниот мотор и Ферари е доволно брз да биде ривал со кредибилитет“, објаснува Еклстоун.
Сепак, тој не верува дека Чарли Вајтинг, сегашниот директор на трки на ФИА е „пристран“.
„Не, Чарли секогаш ја вршеше својата работа совршено. Но, поранешниот претседател на ФИА, Макс Мозли помагаше на Ферари, а и јас сакав да победуваат. Може да има сезона со победи за другите, но дури и другите тимови имаат интерес да постои силно Ферари. Едно нешто е да ги победиш Заубер, а сосема друго да го победиш црвениот болид“, додава Еклстоун.