Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстоун вели дека не му е грижа ако некој е „жолт, зелен, кафеав или розев“, откако на негова сметка беа упатени бројни критики за изјавата дека многу црни луѓе се поголеми расисти од белците.
Контроверзната изјава за „Си-ен-ен“ во петокот исто така предизвика реакција и од шесткратниот Ф1 шампион Луис Хамилтон, кој го критикуваше човекот кој ја изгради модерната Формула 1.
„Навистина сум тажен и разочаран од овие коментари. Берни е надвор од спортот и е друга генерација. Но, токму тоа е погрешно – неуки и неедуцирани коментари кои покажуваат колку треба да се придвижиме како општество пред да има вистинска еднаквост. Сега е јасно зошто ништо не се направи да се зголеми разновидноста во спортот. Сега е време за промени“, напиша Хамилтон.
И официјалната Формула 1 се дистанцираше од Еклстоун велејќи дека за такви коментари нема место во Ф1 или во општеството и дека Берни нема врска со Ф1 по заминувањето од 2017.
Еклстоун, кој е во својот дом во Швајцарија каде што неговата бразилска сопруга, 44-годишната Фабијана го очекува нивниот син, врати остро во интервју за „Мејл он сандеј“ по најавите дека Ф1 ќе му забрани да присиствува на Ф1 трките.
„Ќе ми забранат да одам на трките? Не би им советувал да го направат тоа. Нека се обидат во Русија. Најверојатно ќе најдам влезница. Кога Чејс Кери побара да си заминам, велеше дека моето почесно претседателство е многу важно. Но, гледаме колку е важно. Пред 20 години ме направија почесен доктор на Империјал колеџ во Лондон, па не одам и се нарекувам доктор Еклстоун. Убаво што кажаа кога заминав од Ф1, за да не ми ги припишуваат работите кои тие ги прават. Тие сега се борат против расизмот поради тоа што се случува во Америка. Чејс донира 1 милион долари за разновидност, а тоа е доволно еден механичар да почне во картинг“, одговори Еклстоун.
Тој уште еднаш повтори дека не е расист.
„Јас не сум против црните луѓе. Целосна спротивност од тоа, секогаш сум ги поддржувал. Самиот татко на Луис сакаше да прави бизнис со мене. Во текот на годините сретнав многу бели луѓе кои не ги сакам, но никогаш црн човек кого не го сакам. Бев ограбен неколку пати, еднаш од тројца црни луѓе. Завршив во болница, но не кажав ништо против црните луѓе. За мене Луис не е ниту бел, ниту црн, туку е само Луис. Не сум виновен што сум бел, или што сум понизок од просекот. Црните луѓе треба да се грижат за себе. Рон Денис не му пречеше на Луис да стане Ф1 возач. Вили Рибс беше првиот црн човек во Формула 1 за мојот тим во седумдесетите. Но, сега е во мода да се зборува за разновидноста“, додава Еклстоун.
Еклстоун: Црните луѓе честопати се поголеми расисти од белците!