По низата промени во спортот, Формула 1 шефовите размислуваат биометриската ракавица да го има своето деби во спортот.
Ракавицата веќе беше тестирана од тимовите на Мерцедес, Ферари и Ред бул на патеката Хунгароринг во август. Во ракавицата има сензор од 3 милиметри кој го мери пулсот и нивото на кислород во крвта на возачите, а исто така ќе има можност да ја мери и температурата и дишењето.
Овие податоци можат да бидат клучни при несреќи на патеката, кога медицинскиот тим на Ф1 мора да донесе брза одлука. Според германскиот весник „Билд“, ракавицата е подготвена за користење оваа сезона, но ќе стане задолжителна од 2019 година.
„Се запрашавме како можеме да ја искористиме технологијата да помогнеме на нашиот медицински тим и на возачите. Ако знаете дека возачот се движи и дише, тогаш можете да направите подобра проценка. Дали треба бргу да се дојде до возачот или треба да се внимава на неговото движење?“, објаснува заменикот директор на трки на ФИА, Лорен Мекис.