Шефовите на Формула 1 тимовите го изгласаа Луис Хамилтон како најдобар возач во спортот, четврта година едноподруго, додека неговиот колега од Мерцедес, Валтери Ботас беше само 10.
Гласањето, кое секоја година го спроведува „Аутоспорт“, го постави Хамилтон далеку пред Макс Ферстапен во гласањето со 233 од максимални 250 поени, додека асот на Ред бул имаше 143 поени. Себастијан Фетел, кој беше втор зад Хамилтон во генерален пласман, беше трет пред Даниел Рикјардо на четвртото место.
Француската ѕвезда на Форс Индија, Естебан Окон дебитира на листата на петтото место, пред двократниот шампион Фернандо Алонсо во Мекларен. Кими Раиконен (Ферари) и Карлос Саинс Јуниор (Торо росо) се израмнети на седмото место, пред Нико Хилкенберг во Рено. Ботас, кој лани беше деветти на гласањето, сега е 10.