Top Sport

Ф1 тимовите не сакаат нови трки

Шефовите на Ф1 тимовите побараа од сопствениците на спортот внимателно да размислат пред да решат да го зголемат календарот во иднина на повеќе од сегашните 21 трки.

Формула 1 се наоѓа пред напорно лето – следуваат три трки за три недели во Франција, Австрија и Велика Британија, по што има една недела пауза, па две трки едноподруго во Германија и Унгарија за неверојатни пет трки во шест недели.

Новите сопственици на Ф1, „Либерти медија“ имаат план да продолжат со зголемувањето на календарот со нови трки во Мајами и можни „екскурзии“ во Данска и во Виетнам. Според заменикот шеф на Форс Индија, Роберт Фернли ова ќе значи дека тимовите ќе мора да ангажираат по два тима на механичари и инженери кои ќе патуваат.

„Човечката логистика е навистина исцрпувачка. Со 20 трки сме на работ на издржливост со ваков тим, но ете, можеме да одиме по некоја сезона на 21, а потоа на 19. Трошоците и вака се големи, а ако треба да имаме уште еден тим, ќе биде неиздржливо“, вели Фернли.

Шефот на Хас, Гинтер Штајнер пак, вели дека треба да се внимава да нема „заситување“ на календарот.

„Ако има Ф1 трка секој викенд тогаш ќе тргнеме надолу. Не верувам дека има план за 25 трки. Нешто помеѓу 20 и 22 е идеална ситуација – да почнеме порано, а да завршиме подоцна“, вели Штајнер.

Фото: ЕПА

Scroll to Top