Top Sport

Ферари ја менува „песната“ – Маркионе задоволен од предлозите

Претседателот на Ферари, Серџо Маркионе, кој претходно неколку пати предупредуваше дека неговиот гламурозен тим ќе се повлече од Ф1 по 2020 ако не им се допаѓаат новите правила, сега вели дека е охрабрен од „промената на односот“ на новите сопственици, американскиот гигант „Либерти медија“.

Маркионе вели дека има основа за „значајни преговори“ и се надева дека ќе има целосен договор до крајот на 2018 година.

„Охрабрен сум од промената на односот кој го гледаме од ’Либерти’ околу тоа кои промени ги најавуваат за 2021 година. Најголема индикација за ова е признанието дека правилата за моторите мораат да ја одразуваат природата на спортот. Не можеме да ја ’заглупиме’ Ф1 само за да дојдат нови тимови, нели? Тоа што го имаме на маса е предлог за кој може да се разговара. Економскиот систем уште не е функционален и за тоа треба да зборуваме“, вели Маркионе во Милано.

Комерцијалниот „аспект“ секако се однесува на наводните 100 милиони евра годишно кои Ферари ги добива како бонус од Формула 1 поради историската важност на тимот и фактот што само тие се активен тим од првата сезона во 1950 година.

Фото: ЕПА

Scroll to Top