Иако повеќе извори тврдат дека новитетот на Мерцедес, подвижниот волан, или официјално ДАС систем (dual-axis steering), нема да има огромно влијание на перформансите како двојниот дифузер од минатото, ривалите секако се фатени неподготвени од ова достигнување на шампионите.
Дилемата сега е дали да се потрошат ресурси за развивање на сопствена верзија на ДАС, иако ФИА потврди дека од 2021 година ваков систем ќе биде нелегален, а се верува дека е можен и протест на тимовите веќе на првата трка во Мелбурн.
Ферари, кои лани беа на мета на техничките директиви на ФИА околу нивниот мотор, сега велат дека тие ќе бараат објаснување од федерацијата.
„Уште не сме разговарале со ФИА за тоа, но секако, ќе побараме објаснување.Важно е да разбереме што е дозволено, а што не, но нема да се противиме на ФИА на нивната одлука. Знаеме многу малку за системот во моментов. Очекуваме ФИА да биде позаинтересирана. Доколку развиваме таков систем, тој ќе биде подготвен во средината на сезоната“, вели Матија Биното, шефот на Ферари.
Воланот на Мерцедес ќе биде забранет, но само од 2021 година!