Себастијан Фетел може и официјално да ја загуби борбата за титулата во Ф1 од Луис Хамилтон веќе овој викенд во САД, но може да го загуби и престижното место во Ферари ако следната година не ја донесе толку посакуваната титула, тврди „Газета дело спорт“.
Според почитуваниот соработник на „Газета“, Луиџи Перна, во Ферари се разочарани што и оваа година титулата им избега и покрај тоа што Скудерија имаше подобар болид од Мерцедес во првиот дел од сезоната, и тие полека ја губат довербата во Германецот, кој останува „изолиран“ во Маранело.
Според Перна, во самиот договор на Фетел со Скудерија има клаузула за прекин на договорот доколку не се освои титула до 2019 година. Официјално, од Ферари не ја коментираа веста, но минатата недела шефот на Ферари, Маурицио Аривабене му даде целосна поддршка на Фетел.
„Сигурен сум дека, порано или подоцна, титулата ќе дојде во Маранело во рацете на Фетел“, изјави Аривабене.
Фото: ЕПА