Top Sport

„Ферари мора да каже дека Леклер е број 1 во тимот“

Шарл Леклер е голем адут на Ферари во борбата за титулата светски шампион, а тимот мора да направи се за да ја стави целосната ситуација под контрола, вклучително и односот со вториот возач, Карлос Саинц. Ваков став има поранешниот Формула 1 возач, Маркус Ериксон, кој добро го познава Леклер, уште од периодот кога беа колеги во Заубер.

За време на претсезонските тестови беше јасно дека Ферари ќе биде еден од најсилните тимови оваа година, но на првите трки стана јасно дека Ред Бул подобро „лежи“ на новите гуми и има поголема брзина на патеките.

Сепак, разликата со Ферари не е преголема, па Кристијан Хорнер неодамна изјави дека Ред Бул и Ферари ќе ги поделат победите во зависност од тоа на која патека се тркаат.

Сепак, Ериксон очекува посилна акција од Ферари во однос на статусот на Леклер како прв возач, иако поминаа само пет трки од почетокот на сезоната, а Матијас Биното редовно наведува дека и двајцата негови возачи продолжуваат да се натпреваруваат со ист статус.

„Гледаме дека Карлос се обидува да биде пред Шарлс, но не може да го направи тоа“, објаснува Швеѓанецот.

„Мислам дека секогаш е добро тимот да знае кој е лидер. Макс Ферстапен и Луис Хамилтон се лидери во своите тимови во последните неколку сезони. Мислам дека Ферари многу брзо ќе ја пренесе целата своја поддршка на Леклер, бидејќи ни претстојат многу важни трки“, заклучи Ериксон.

Scroll to Top