Шефот на Ферари, Матија Биното ги отфрли тврдењата дека неговиот тим едноставно ја искористиле ситуацијата минатата сезона за да имаат побрз развој на болидот за 2022, кој има одличен старт на сезоната.
Ферари остварија 1-2 победа на првата трка во Бахреин со Шарл Леклер и Карлос Саинс Јуниор, за во Саудиска Арабија да го освојат второто и третото место по возбудливата битка на Леклер со Макс Ферстапен. Како резултат на ова, Леклер има 12 поени предност пред Саинс во пласман на возачи, а Скудерија дури 40 поени предност пред Мерцедес.
Многумина сметаат дека Ферари се во ваква позиција бидејќи не го развиваа болидот за 2021 додека Мерцедес и Ред бул беа вклучени во борба за титулата. Биното не го прифаќа тоа.
„Не, тоа е целосно грешка претпоставка. Според правилата, сите добија дозвола да работат во воздушниот тунел и симулаторот на 1 јануари 2021. Ние можеби се фокусиравме повеќе на 2022, но сите имаа идентична стартна позиција. Едноставно завршивме подобра работа. Но, не мислам дека имаме огромна предност пред другите. Ќе стане појасно по првите пет-шест трки“, вели Биното.