Долгогодишниот тест-возач на Ферари, Лучано Бурти вели дека неговиот поранешен тим не направил доволно да му помогне на Себастијан Фетел во сезоната 2018, оставајќи ја вината за грешките само кај Германецот.
По одличниот старт на сезоната, обидот на Фетел да ја прекине доминацијата на Мерцедес полека почна да пропаѓа од Германското ГП, каде што се удри во ѕид додека беше лидер. Според Бурти, да беше Жан Тод уште шеф на Ферари, ќе знаеше како да му помогне.
„Тоа беше мала грешка, што се случува во Ф1, но немаше среќа и последиците беа големи. Да беше човек како Жан Тод во тимот, ќе му дадеше целосна поддршка и ќе го намалеше притисокот, но во Ферари тоа не се случи. Иако Фетел е голем шампион, и тој е човек и кога ќе ја загубиш самодовербата одиш само надолу. Не беше нормално да се види четирикратен шампион со толку грешки“, вели Бурти.
Бурти се тркаше во Ф1 а Јагуар и Прост, по што беше тест-возач на Ферари во периодот кога Тод, сегашниот претседател на ФИА беше на чело на тимот.
„Во Ферари го нема тоа лидерство кое ни го даваше Жан. Работев со Стефано Доменикали и тој беше навистина добар човек, но не знам што се случуваше во тимот и јасно е дека оттогаш почна да се губи ритамот. За Маурицио Аривабене знам малку бидејќи тој беше со ’Марлборо’ тогаш и не беше вистински лидер, бидејќи секогаш беше на дистанца од возачите“, додава Бурти.
Фото: ЕПА