Top Sport

Ферстапен: Битката со Леклер е поприродна од таа со Хамилтон

Светскиот шампион во Формула 1, Макс Ферстапен признава дека битката со асот на Ферари, Шарл Леклер е поинаква од таа со Луис Хамилтон минатата година, бидејќи се чувствува „поприродно“ против возачот кој го познава долго време.

Леклер и Ферстапен имаа „чисти“ битки во првите две трки од сезоната 2022 во Бахреин и Саудиска Арабија, за кои и Леклер призна дека се „цврсти, но фер“, додека минатата сезона беше полна со инциденти против Хамилтон во Мерцедес.

„Секој возач е поинаков, начино на кој напаѓаат или се бранат. Затоа секоја битка е уникатна. Чувството да се тркаш против возачи кои ги знам долго време од трките во картинг е поприродно. Посебно против Шарл, нели е добро да се видат двајца млади возачи како се борат за победи? Исто така сум среќен што мојот пријател Карлос Саинс има конкурентен болид, бидејќи дебитиравме заедно во 2015“, вели Ферстапен во интервју за „Ла газета дело спорт“.

Холанѓанецот признава дека лутото ривалство помеѓу Ред бул и Мерцедес влијаело на битката со Хамилтон.

„Мислам дека со Хамилтон, конфликтот меѓу Ред бул и Мерцедес играше голема улога. Тоа што се случуваше цела сезона носеше конфронтација на патеката. Дали се плашев? Никако. Ниту во еден момент не помислив на такво нешто, мислев само на победи“, објаснува Ферстапен.

Scroll to Top