Top Sport

Ферстапен: Една грешка, и Ф1 кариерата ти е завршена

Ѕвездата на Ред бул рејсинг, Макс Ферстапен признава дека секоја грешка која ја правиш во Формула 1 болид може да го чини возачот неговата кариера, но додава дека ужива во тој притисок.

Ферстапен ја вози својата четврта сезона со Ред бул иако има само 21 година, и неговиот талент се покажа веднаш, но и неговата понекогаш претерана желба за претекнувања кои предизвикуваа инциденти. Шпекулациите го поврзуваа Холанѓанецот со Мерцедес, но тој вели дека нема промена во односот со Ред бул.

„Нема никакви промени во односите, бидејќи истото што ми го кажуваа минатата година ми го кажуваат и сега. Да беше поинаку, тоа ќе значеше дека нешто не е во ред. За моја возраст имам многу искуство, но работам со мојот татко Јос од моето детство, така што и тука не гледам проблем“, вели Ферстапен.

Тој вели дека било нефер да го критикуваат за раните грешки во Ф1, откако помина само една сезона во Формула 3.

„Имав малку искуство и во Ф1 ги правев грешките кои другите возачи ги правеа во јуниорските категории. Знам дека секоја грешка може да значи крај на кариерата, но за мене тоа е ОК. Подобро да бидам на највисоко можно ниво, да правам грешки и да учам од нив, отколку да возам во некои послаби серии“, додава Холанѓанецот.

Scroll to Top