Макс Ферстапен, во пресрет на Големата награда на Холандија, проговорил за најкратката трка во историјата на Ф1, која се одржа минатиот викенд во Белгија.
Холанѓанецот беше на пол-позицијата, но поради лошите временски услови, се возеа само три круга зад возилото за безбедност. На крајот ФИА реши на возачите да им додели пола од бодовите.
Ферстапен освои 12,5 поени и ја намали предноста на Луис Хамилтон на три поени.
„Мислам дека си ги заработив поените. Чашата е до пола полна, но тоа се нови 12,5 поени. Патот е долг, се надевам дека со Луис ќе имаме уште многу забавни дуели на патеката“, рекол возачот на Ред Бул.
Ферстапен проговорил и за поддршката која ќе ја има на домашното гранд при. Холандските фанови сигурно ќе извршат голем притисок врз Луис Хамилтон.
„Тоа е како да играте фудбалски меч на домашен терен. Не можете да дојдете до навивачите и да им кажете како да се однесуваат. Моите навивачи се страствени. Се надевам дека ќе биде забавно“.
Трката за Големата награда на Холандија во Зандворт се вози во недела.