Top Sport

Ферстапен и Ред бул ја освоија Имола, скапа грешка на Леклер!

Актуелниот шампион Макс Ферстапен се врати  во борбата за титулата во Формула 1 шампионатот 2022, откако стигна до убедлива победа на ГП на Емилија-Ромања на легендарната патека Имола, остварувајќи 1-2 победа пред Серхио Перез, додека Скудерија пред домашната публика немаше среќа – Карлос Саинс ја заврши трката во првиот круг, додека Шарл Леклер направи скапа грешка на помалку од 10 круга пред крајот, губејќи го третото место и завршувајќи само како осми.

По победата на саботната спринт-трка со фантастично претекнување на Леклер, Ферстапен беше сигурен на стартот на влажната патека, додека Леклер падна од второто на четвртото место, губејќи позиции од Перез и од Лендо Норис во Мекларен, а Карлос Саинс беше истуркан од патеката од Даниел Рикардо. Леклер успеа да се врати на третата позиција, и во финишот обидувајќи се да го стигне Перез, направи грешка и излета од патеката. За среќа, тој успеа да се врати и да ја заврши трката, но само на шестото место, губејќи драгоцени поени.

На четвртото место заврши Џорџ Расел во Мерцедес, за малку надеж за „сребрената стрела“, откако седумкратниот шампион Луис Хамилтон заврши на 14. место и имаше незгодна ситуација во која беше претекнат за цел круг од Ферстапен. Валтери Ботас беше на одличното петто место за Алфа Ромео, пред Леклер, Јуки Цунода во Алфа Таури,  Себастијан Фетел во Астон Мартин, Кевин Магнусен во Хас и Ленс Строл во вториот Астон Мартин во поени.

Леклер и покрај ваквиот викенд има 27 поени предност пред Ферстапен во генерален пласман поради двете откажувања на Холанѓанецот.

Scroll to Top