Top Sport

Ферстапен и Ред бул пребрзи и во Мексико, срушен рекордот со 14 победи во една сезона

Макс Ферстапен триумфираше на Мексиканското ГП за да ја забележи рекордната 14. победа во една сезона, покажувајќи ја доминацијата на Ред бул оваа сезона во трка во која најблиски ривали им беа Мерцедес, додека Ферари беа само третиот најбрз тим на трката.

На крајот, Ред бул успеаја да ја добијат тактичката битка со Мерцедес, одлучувајќи да сменат на „средни“ гуми при единственото влегување во боксот, додека Мерцедес останаа на тврди гуми. Ферстапен на крајот победи пред својот стар ривал, Луис Хамилтон во Мерцедес, додека домашниот херој, Серхио Чеко Перез заврши на третото место со вториот Ред бул откако имаше фантастична трка. Во поени беа и Џорџ Расел, двајцата возачи на Ферари, Карлос Саинс Јуниор и Шарл Леклер, кои имаа потпросечна трка, Даниел Рикардо во Мекларен на седмото место, Естебан Окон (Алпин), Лендо Норис (Мекларен) и Валтери Ботас (Алфа Ромео).

Ферстапен успеа тесно да ја заддржи предноста од пол-позицијата, додека зад него, Хамилтон успеа да го помине клупскиот колега Расел во првиот круг и да најави битка со Ред бул. Иако Ферстапен не успеа да се одвои и да направи голема предност, покажувајќи дека во Мерцедес имаат вистински прогрес. Меѓутоа, тој реши прв да влезе во боксот и да постави „средни“ гуми, додека Мерцедес зад нив решија да одат со тврда компонента, сметајќи дека ривалите ќе мора да влезаат двапати во боксот. Но, Ред булот се покажа „лесен“ на гумите, и Ферстапен рутински стигна до победата со речиси 15 секунди предност.

Ова е победа број 14 во 2022 година за Холанѓанецот, со што го помина рекордот на Михаел Шумахер (2003) и Себастијан Фетел (2014) од 13 победи во можеби најсупериорната сезона во историјата на спортот.

Scroll to Top