Top Sport

Ферстапен: Немам проблеми со Даниел

Макс Ферстапен инсистира дека неговиот однос со колегата од Ред бул, Даниел Рикјардо не е оштетен по судирот на Азербејџанското ГП во недела.

Двојката се судри во трката во Баку, откако Рикјардо се заби во задниот дел на болидот на Ферстапен на првата кривина во финишот на трката додека се бореа за четвртото место. Според Ред бул, двајцата возачи имаа еднаква вина, и најавија дека тие ќе се извинат пред вработените во фабриката во Милтон Кејнс пред следната трка во Шпанија.

Ферстапен открива дека разговарал со Рикјардо и дека нема несогласувања во тимот.

„Секако, зборувавме за судирот. Јас и Даниел сме целосно океј, и двајцата сфаќаме дека ова не е добро за тимот. Имавме цврсти битки и во минатото, но тогаш беше океј. Цврсто, но фер. Сега мораме да се извиниме, бидејќи имавме шанса за добар резултат“, вели Ферстапен.

Иако Ред бул посочија дека не планираат да воведат тимски наредби, Ферстапен вели дека стравува од таква ситуација, како минатата година кога Форс Индија им забранија на Серхио Перез и Естебан Окон да се тркаат меѓу себе.

„Мислам дека нема да одиме дотаму. Мораме да мислиме на тимот, но без наредби, бидејќи тоа е лошо за сите“, додава Ферстапен.

Scroll to Top