Макс Ферстсапен ги воодушеви своите фанови со спектакуларното претекнување над Кими Раиконен за третото место на Американското ГП, пред да добие казна за која реагираше луто.
На холандскиот возач му беше соопштено дека е казнет пред да се качи на подиумот, по што не ја криеше лутината, нарекувајќи ги ФИА идиоти. Сега, неколку месеци подоцна, 20-годишниот ас на Ред бул признава дека не бил во право, но верува дека во контекст на викендот, казната била престрога.
„Секако, првата реакција е зошто, тоа беше одличен потег? Но, кога ќе ги погледнеш правилата, тогаш не направив коректен потег. Тој викенд ништо не беше според правилата – возачите излегуваа надвор од патеката без да бидат казнети. Морам да се фокусирам на позитивните работи – тоа беше добра трка и сите уживаа во борбата. Не беше толку болно колку што мислеа луѓето, бидејќи стартував како 16., а завршив на четвртото место. Се помирив со тоа“, вели Ферстапен.
Тој останува еден од највозбудливите возачи во Ф1, но веќе не постојат шпекулации дека ќе премине во Ферари или Мерцедес, откако потпиша нов тригодишен договор со Ред бул во октомври со ветување дека ќе добие болид за борба за победи.