Top Sport

Ферстапен: Рено и Мекларен не се закана за титулата

Возачот на Ред бул, Макс Ферстапен вели дека не смета дека Мекларен и Рено се „големи играчи“ во сезоната 2018 година, во исто време кога „експертите“ сметаат дека РБ14 болидот на неговиот тим ќе биде многу брз.

Даниел Рикјардо во средата постави апсолутен рекорд на патеката Барселона, а техничкиот директор на Мерцедес, Џејмс Елисон ги издвои ривалите како главна опасност за 2018 година. Ферстапен, засега, вели дека конкуренцијата е помала и дека нема ривали меѓу тимовите кои користат исти мотори – фабричкиот тим на Рено и Мекларен.

„Секако, обрнуваш внимание на сите, но не мислам дека тие се нашите главни ривали. Искрено, не сакаме да биде така, бидејќи тоа ќе значи дека не сме завршиле доволно добра работа. Мораме да гледаме кон тие кои се пред нас“, вели Ферстапен за „Аутоспорт“.

Според него, Ред бул немале драматично тестирање и прогресот е очекуван.

„Доста добро, нели? Засега е доста релаксирано – си ја завршувам мојата работа и ги возам моите кругови. Оваа недела е подобра од претходната и научивме многу работи“, додава Ферстапен.

Со него се согласува и советникот на Ред бул, Хелмут Марко, кој јасно посочи дека шасијата на тимот е еднаква со таа на Мерцедес.

„Од страна на шасијата, ние сме многу силни. Но, Мерцедес секогаш наоѓаат предност во квалификациите од својот мотор – екстра десетинки. Нашиот болид е многу пософистициран и се надевам дека ќе ги стигнеме“, вели Марко.

Фото: ЕПА

Scroll to Top