Двократниот светски шампион Макс Ферстапен вели дека би сакал да го види Фернандо Алонсо како повторно победува, откао го совлада Шпанецот за само 0.084 секунди за пол-позицијата на Монако ГП трката во вчерашните квалификации.
Возачот на Астон Мартин, Алонсо, исто така двократен шампион, нема победено 10 години од времето кога беше возач на Ферари, но и покрај тоа што има 41 година оваа сезона е во фантастична форма и со одличен болид е најблискиот конкурент на Ферстапен досега. Тој ја имаше пол-позицијата до последниот круг на Ферстапен, кој беше едноставно фантастичен.
„Мислам дека ми треба помош од Макс за да победам, но во Монако никогаш не можеш да претпоставиш дека ќе ја завршиш трката“, вели Алонсо.
Ферстапен даде интересен одговор.
„Мислам, и јас сакам да го видам Фернандо како победува, но исто така сакам и јас да победувам. Ќе размислам“, изјави низ смеа Холанѓанецот, но посочи дека секогаш го респектирал Алонсо: „Пораснав гледајќи го Фернандо и секогаш ми се допаѓал неговиот стил. Импресивно е да се види како вози на 41 години“.