Top Sport

Ферстапен се израмни со Аиртон Сена со доминантна трка во Канада

Двократниот светски шампион, Макс Ферстапен ја забележа својата шеста победа во осум трки оваа сезона, доминирајќи од пол-позицијата на Канадското ГП на патеката „Жил Вилнев“ во Канада, додека зад него Фернандо Алонсо со Астон Мартин ја доби битката со поранешниот колега Луис Хамилтон за второ место на подиумот.

Ова е 41. победа во кариерата на Холанѓанецот, со што се израмни со легендарниот Аиртон Сена, додека Ред бул ја прославија својата 100. победа во Ф1 шампионатот.

Холанѓанецот само на стартот имаше проблем со Хамилтон зад него, откако возачот на Мерцедес го помина Алонсо на второто место, но веќе до крајот на првиот круг беше јасно дека никој не може да конкурира на брзиот болид на Ред бул. По само осум трки, тешко е да се предвиди дека некој ќе успее да го стигне Супер-Макс, посебно откако неговиот колега Серхио Перез успеа да заврши само на шестото место по уште едни лоши квалификации.

По брзиот старт, болидите на Мерцедес беа зад Ферстапен, пред Џорџ Расел во 12. круг да се прецени на една кривина и да удри со задното тркало во бариерата. Тој успеа да се врати на патеката и да замине во бокс, но предизвика излегување н безбедносното возило. Водечката тројка (Ферстапен, Хамилтон, Алонсо) веднаш влезе во боксот, но распоредот остана ист, иако Хамилтон и Алонсо имаа блиска средба при излегувањето. Во 22. круг, Алонсо успеа да го помине Хамилтон, и до крајот на трката да го задржи второто место.

Возачите на Ферари имаа тивка трка (по наредбите од тимот да нема претекнување) – Шарл Леклер заврши како четврти пред Карлос Саинс, додека за Перез максимумот беше шестото место. Во поени беа и одличниот Алекс Албон во Вилијамс на седмото место, Естебан Окон во Алпин, Лендо Норис во Мекларен и Валтери Ботас во Алфа Ромео.

Scroll to Top